Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Корисни информации

Ковид-19 денес: Симптоми, тестирање и долгорочни последици

Иако Ковид-19 повеќе не е глобална итност како во 2020–2022 година, вирусот SARS-CoV-2 продолжува да циркулира низ светот и да се појавува во нови варијанти. Денес болеста генерално има поблага клиничка слика кај повеќето здрави лица, но сепак останува значајна, особено за ранливите групи, како постари лица, лица со хронични заболувања и оние со ослабен имунитет. Поради континуираните мутации, симптомите и начинот на тестирање се менуваат со текот на времето, а сè поголемо внимание се посветува и на „долг Ковид“, состојба што може да трае со месеци по акутната инфекција.

Кои се најчестите симптоми на Ковид-19 денес?

Со појавата на нови варијанти (Омикрон и неговите подваријанти), клиничката слика значително се промени во споредба со оригиналниот вирус. Денешните симптоми повеќе наликуваат на инфекција на горните дишни патишта и често се поблаги.

Најчести тековни симптоми се:
  • болки во грло
  • затнат или течење на нос
  • кашлица (сува или со секрет)
  • замор
  • главоболка
  • покачена температура
  • болки во мускули и зглобови
  • кивање

Сè поретко се јавуваат симптомите кои беа „класични“ во 2020 година, како губење на вкус и мирис, но не се исклучени.

Некои пациенти може да имаат и:

  • стомачни симптоми (дијареја, гадење)
  • болка во градите
  • вртоглавица

Повеќето случаи се самоограничувачки и траат 3–7 дена, но кај ранливи категории може да се развие потешка форма, вклучувајќи и пневмонија.

Кога да направите тест за Ковид-19?

Иако многу здравствени системи повеќе не бараат задолжително тестирање, тестовите остануваат корисни кога е важно да се знае точната причина за симптомите – за лична заштита, заштита на околината и донесување одлуки за работа или патување.

Се препорачува да направите тест ако:
  • имате симптоми на респираторна инфекција и сте биле во контакт со заболен
  • имате важен состанок или работа со ранливи лица (болници, домови за стари лица)
  • треба да патувате или участвувате на настан со голем број луѓе
  • имате хронични болести и симптомите се влошуваат
  • имате висока температура >38°C повеќе од 48 часа
  • симптомите траат подолго од една недела

Луѓето со послаб имунитет треба да се тестираат и порано, бидејќи навременото лекување со антивирусни лекови е клучно.

Какви тестови постојат и кој кога е најсоодветен?

Денес најкористени се два типа тестови:

Антигенски (брзи) тестови
  • резултат за 15–20 минути
  • најдобро детектираат вирус кога симптомите се силни
  • помалку чувствителни од PCR, но практични за домашна употреба
  • негативен тест не ја исклучува инфекцијата, особено првите 24–48 часа

Антигенски тест повторно се препорачува по 48 часа ако симптомите продолжат.

PCR тестови
  • “златен” стандард
  • откриваат помали количини вирус
  • потребни кај лица со висок ризик
  • PCR тест е најпотребен кога:
  • симптомите се присутни, но антигенскиот тест е негативен
  • пациентот е имунокомпромитиран
  • симптомите се тешки или се развива пневмонија
Каков е третманот на Ковид-19 денес?

Третманот на Ковид-19 денес зависи од тежината на симптомите, возраста на пациентот и ризикот од развој на компликации. Кај поголемиот дел од луѓето, особено кај оние кои се млади и здрави, болеста има лесен тек и може да се третира дома со поддржувачки мерки. Најважно е телото да добие доволно одмор и хидратација, како и да се следат симптомите.

Третман на лесни случаи дома

Лесните форми на Ковид-19 обично се третираат со едноставни мерки кои имаат цел да ја намалат непријатноста и да го поддржат организмот додека ја совладува инфекцијата. Најчесто се препорачува:

  • пиење многу течности за да се избегне дехидратација
  • одмор и избегнување прекумерен физички напор неколку дена
  • земање антипиретици како парацетамол или ибупрофен за контрола на температурата и болките
  • редовно проветрување на просторот за подобрување на квалитетот на воздухот
Во најголем дел од случаите, овие мерки се доволни, а симптомите се повлекуваат
 
Антивирусни лекови

Кај пациенти со поголем ризик од компликации, лекарот може да препорача антивирусна терапија, како Пакславид (nirmatrelvir/ritonavir) или други слични лекови кои се достапни. Оваа терапија е најефективна кога се започнува во првите 5 дена од појавата на симптомите. Антивирусните лекови се најкорисни за:

  • лица над 60 години
  • лица со хронични заболувања како срцеви болести, белодробни болести или дијабетес
  • имуносупримирани пациенти

Овие лекови го намалуваат ризикот од хоспитализација, тежок тек на болеста и смртност.

Кога треба да се јавите на лекар?

Иако повеќето случаи се лесни, важно е да се препознае кога симптомите укажуваат на посериозна состојба. Лекарска помош треба да се побара ако се појават:

  • отежнато дишење
  • болка или притисок во градите
  • постојана висока температура што не се контролира со лекови
  • значителна слабост или неспособност за нормално функционирање
  • намалено ниво на будност или конфузија
  • знаци на дехидратација

Овие симптоми може да укажуваат на компликации како пневмонија или сериозно влошување на општата состојба.

Што е „долг Ковид“ и кого го погодува?

„Долг Ковид“ (Long COVID) е состојба при која симптомите на Ковид-19 продолжуваат да траат повеќе од четири недели по акутната инфекција. Оваа состојба може да се јави и кај луѓе кои имале лесен тек на болеста и не биле хоспитализирани. Се смета дека долг Ковид е резултат на продолжена имунолошка реакција, воспаление или оштетување на ткивата.

Најчести долготрајни симптоми
Лицата со долг Ковид може да почувствуваат неколку различни симптоми, од кои најчести се:
  • хроничен замор или исцрпеност
  • тешкотии со концентрација, познато како „brain fog“
  • отежнато дишење
  • упорна кашлица
  • болки во мускули и зглобови
  • нарушен сон
  • палпитации
  • анксиозност или промени во расположението

Симптомите може да се менуваат со текот на времето и значително да влијаат на квалитетот на живот.

Кој е најризичен за долг Ковид?

Неколку групи луѓе имаат поголема веројатност да развијат долготрајни последици:

  • лица со повеќе симптоми за време на акутната инфекција
  • пациенти со хронични заболувања/ имуносупресирани
  • невакцинирани лица

Лекувањето на долг Ковид е насочено кон симптомите и може да вклучува рехабилитација, длабоки дишења, физикална терапија, корекција на сон и психолошка поддршка.

Како да се заштитите денес?

Иако вирусот продолжува да мутира, постојат едноставни мерки што значително можат да го намалат ризикот од пренос:

  • редовно и темелно миење раце
  • проветрување на затворени простори
  • избегнување близок контакт ако вие или други сте болни
  • носење маска во здравствени установи или кога имате симптоми
  • редовна вакцинација

Вакцините, особено ажурираните бустери, не секогаш спречуваат инфекција, но го намалуваат ризикот од тежок тек на болеста, потреба од хоспитализација и појава на долг Ковид.

 

  1.   Mayo Clinic. 2024. “COVID-19: Symptoms and Causes.” Rochester, MN: Mayo Foundation for Medical Education and Research. Retrieved December 2025 (https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/coronavirus  ).
  2. Centers for Disease Control and Prevention (CDC). 2024. “COVID-19: Testing, Variants, and Long COVID.” Atlanta, GA. Retrieved December 2025 (https://www.cdc.gov/covid  ).
  3. World Health Organization (WHO). 2024. “Coronavirus Disease (COVID-19): Updates and Long-term Effects.” Geneva, Switzerland. Retrieved December 2025 (https://www.who.int/health-topics/coronavirus ).

Средна оцена:

3,1 (49 гласа)

Вашата оцена е евидентирана!