Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Прехрана при дијареа – како прехраната може да ги ублажи симптомите и забрза опоравувањето

Дијареата е чест дигестивен проблем кој може да настане поради инфекции, нетолеранција на храна, синдром на иритабилни црева или други гастроинтестинални нарушувања. Иако дијареата обично поминува спонтано за неколку дена, правилната прехрана може да го забрза опоравувањето и да спречи дехидрација.

Важноста на хидратацијата

Една од најголемите опасности при дијареа е дехидрацијата, која може да доведе до сериозни компликации, особено кај деца и постари лица. Се препорачува се внес на течности, како што се:

  • Вода
  • Бистри немасни супи, кои помагаат во одржување на хидратацијата
  • Орални ре-хидрациски раствори (ORS) - кои покрај водата ги надополнуваат и потребните електролити
  • Билни чаеви (како што се чај од камилица или нане)

Важно е да се консумираат мали, чести голтки течност наместо нагло внесување на поголеми количини, за да се намали оптоварувањето на дигестивниот систем и да се зголеми апсорпцијата на течноста.

Треба да се избегнуваат овошни сокови и слатки пијалаци, кофеински и газирани пијалаци, како и алкохол, бидејќи тие можат да ги влошат симптомите на дијареата.

Намирници кои се препорачуваат при дијареа

Кога дигестивниот систем е надразнет, важно е да се изберат лесно сварливи намирници, најчесто во траење од 2 до 3 дена. Стручњаците често препорачуваат BRAT (банана, ориз, пире од јаболка, двопек) диета, која вклучува:

  • Банани – богати со калиум и помагаат во надополнување на изгубените електролити
  • Ориз – лесно сварлив извор на енергија кој помага во зацврстување на столицата
  • Пире од јаболка – богато со пектин кој ја поттикнува апсорпцијата на течности во цревата
  • Двопек (тост) – неутрална храна која го намалува надразнувањето на дигестивниот систем
Покрај BRAT диетата, се препорачуваат и:
  • Варен компир
  • Варен морков
  • Бела риба и немасно пилешко или мисиркино (сѐ благо зачинето, варено или потпечено без масти)
  • Пробиотски јогурт (ако не постои нетолеранција на лактоза)
  • Овесна каша – блага и лесно сварлива храна богата со влакна која може да помогне во стабилизирање на дигестијата
  • Варена тиква – мека, лесно сварлива и богата со витамини и минерали

Храна која треба да се избегнува

Одредени намирници можат да ги влошат симптомите на дијареата и да го продолжат траењето на болеста. Храна која треба да се избегнува вклучува:

  • Мастна и пржена храна
  • Млечни производи (освен пробиотски јогурт)
  • Сирово овошје и зеленчук со висок процент на влакна (како што се брокула, зелка и мешунки)
  • Зачинета и лута храна
  • Вештачки засладувачи (на пример, сорбитол, манитол)
  • Мешунки и јаткасти плодови, кои дополнително можат да ги надразнат цревата
  • Овошни сокови и слатки пијалаци, кои можат да предизвикаат т.н. осмотска дијареа
  • Слатки и пецива со висок процент на шеќер, кои можат да предизвикаат ферментација во цревата

Улогата на пробиотиците

Пробиотиците се корисни бактерии кои можат да помогнат во обновувањето на цревната флора по дијареа. Тие се наоѓаат во ферментирани производи како што се јогурт, кефир, кисела зелка и “мисо” супа (јашонска супа од ферментирана соја). Исто така, пробиотиците се достапни и во форма на додатоци во исхраната.

Истражувањата покажале дека одредени соеви на пробиотици, како што се Lactobacillus rhamnosus GG и Saccharomyces boulardii, можат да помогнат во скратувањето на траењето на дијареата и намалување на нејзината сериозност. Редовната консумација на пробиотици може исто така да придонесе за зајакнување на отпорноста на дигестивниот систем на идни нарушувања.

Улогата на пребиотиците

Пребиотиците се несварливи делови на храната кои служат како храна за корисните бактерии во цревата, помагајќи во обновувањето на здравата цревна микрофлора по дијареа.

Намирници богати со пребиотици вклучуваат банани, јаболка, јечмен, овес и други полнозрнести житарици, ленено семе, лук, кромид, праз, аспарагус и друга храна богата со влакна.
Овие намирници го поттикнуваат растот на корисните бактерии во дебелото црево, го подобруваат апсорбирањето на хранливите материи и можат да го намалат ризикот од повторно појавување на дигестивни нарушувања. Вклучувањето на пребиотични намирници во исхраната по дијареа може да помогне во стабилизирањето на дигестијата и долгорочното здравје на цревата.

Долгорочен пристап во прехраната по дијареа

По престанувањето на симптомите на дијареа, важно е постепено да се воведе разновидна исхрана. Треба да се започне со лесно сварливи намирници, а потоа постепено да се воведуваат повеќе влакна и протеини за да се обнови цревната микробиота и да се обезбеди целосно опоравување. Препорачливо е:

  • Постепено враќање на вообичаените прехрамбени навики
  • Внесување на полнозрнести житарици во мали количини
  • Постепено зголемување на внесот на свежо овошје и зеленчук, за да се избегне иритирање на цревата
  • Одржување на хидратацијата и урамнотежена прехрана за да се намали ризикот од повторно појавување на дигестивни нарушувања

Заклучок
Правилната прехрана игра клучна улога во управувањето со дијареа и забрзувањето на опоравувањето. Фокусот треба да биде на одржување на хидратацијата, консумирање лесно сварлива храна и избегнување на иритирачки намирници. Ако дијареата трае подолго од два - три дена, ако ја придружува силна дехидрација или крв во столицата, потребно е да се консултирате со лекар.

 

  1. Mayo Clinic. "Diarrhea: Causes, Symptoms, and Treatment." Пристапено Фебруари 2025.
  2. Mayo Clinic. “Gut Health: Prebiotics and Probiotics” Пристапено Март 2025.
  3. National Institute of Diabetes and Digestive and Kidney Diseases. "Treatment for Diarrhea." Пристапено Фебруари 2025.
  4. World Health Organization. "Oral Rehydration Therapy." Пристапено Фебруари 2025.
  5. American Gastroenterological Association. "Role of Probiotics in Digestive Health." Пристапено Фебруари 2025. 

Средна оцена:

3 (95 гласа)

Оцени:

Вашата оцена е евидентирана!