Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Корисни информации

Улогата на хидратацијата во превенцијата на уринарни инфекции и други болести

Адекватната хидратација е еден од наједноставните и најважни чекори што можете да ги преземете за подобро здравје. Водата придонесува за нормално функционирање на физичките и когнитивните процеси, како и за одржување на нормална телесна температура. Иако повеќето знаат дека водата е важна за животот, малкумина сфаќаат колку е клучна за спречување на инфекции и хронични болести – особено инфекции на уринарниот тракт (ИУТ).

Зошто е хидратацијата важна?
Водата е најважниот нутриент за телото. Таа ја регулира температурата, го поддржува варењето, ги штити зглобовите, основа е на крвта која го пренесува кислородот низ телото и служи како растворувач за отстранување на отпадните материи преку урината и потењето.

Кога не внесуваме доволно течности, дури и блага дехидрација може да ги наруши овие процеси и да создаде идеални услови за развој на болести. Еден од првите органски системи што е засегнат при недоволна хидратација е уринарниот систем.

Како водата помага во превенцијата на ИУТ?
Уринарниот систем овозможува проток и излачување на урина од телото, односно отстранување на отпадните материи преку урината. Се состои од бубрези, мочни канали, мочен меур и уретра. Инфекциите на уринарниот тракт настануваат кога штетни бактерии, најчесто E. coli, ќе влезат во уринарниот тракт и ќе се размножат, најчесто во мочниот меур. Овие инфекции може да бидат непријатни, а понекогаш и сериозни ако се прошират до бубрезите. Хидратацијата игра клучна улога во нивната превенција.

Адекватната хидратација придонесува за спречување на ИУТ преку:

  • Поттикнување на почесто мокрење, со што се испираат бактериите пред да предизвикаат инфекција
  • Разредување на урината, што ја намалува иритацијата на слузницата на мочниот меур
  • Физичко отстранување на бактериите од мочниот меур преку почесто мокрење

Колку вода е потребно?
Потребите за вода се индивидуални и зависат од фактори како што се возраст, пол, физичка активност и клима. Кај лица со седечки (пасивен) начин на живот и умерена температура на околината, општата препорака за вкупен дневен внес на течности е:

  • Околу 2 литри за жени
  • Околу 2,5 литри за мажи

Ова го вклучува вкупниот внес на сите течности – водата, другите пијалаци како и водата содржана во храната. При зголемена активност или во посебни услови, потребите за вода можат значително да се зголемат. Обратете внимание на чувството на жед и бојата на урината – светложолта урина укажува на задоволителна хидратација, додека потемна урина може да значи дека не внесувате доволно течности. Целосно проѕирна урина може да укаже на прекумерен внес на вода (хиперхидратација), што исто така може да ја наруши рамнотежата на електролитите и да ги оптерети бубрезите.

Жените во перименопауза кои внесуваат премалку течности и страдаат од чести ИУТ, се советуваат да го зголемат внесот на вода за најмалку 1,5 литар дневно за да ја намалат честотата на инфекциите.

Недоволна хидратација – зголемени здравствени ризици 

Освен ИУТ, недоволниот внес на вода е поврзан со други здравствени ризици:

  1. Компликации на уринарниот систем
    Недостатокот на течности доведува до поконцентрирана урина што го иритира мочниот меур и ги влошува симптомите кај лица со хиперактивен мочен меур и други уринарни нарушувања.
  2. Проблеми со бубрезите
    Недоволната хидратација може да доведе до појава на бубрежни камења, кои се формираат од минерали во концентрирана урина. Хроничната дехидрација исто така може да придонесе за оштетување и заболување на бубрезите.
  3. Проблеми со дигестијата
    Водата е неопходна за нормално варење – дехидрацијата го успорува движењето на цревата, го зголемува ризикот од запек и подуеност, а долгорочно може да предизвика и хемороиди.
  4. Проблеми со срце и крвен притисок
    Кога сте дехидрирани, волуменот на крв се намалува, што го отежнува пумпањето на крвта од страна на срцето и може да доведе до низок крвен притисок, вртоглавица и оптоварување на кардиоваскуларниот систем. Истражувањата покажуваат дека хроничната недоволна хидратација, која се манифестира како зголемена концентрација на натриум во серумот (во рамки на нормала), ја зголемува веројатноста за појава на срцева слабост. Кога телото е дехидрирано, лачи повеќе од хормонот вазопресин, кој помага телото да ја задржи водата, но истовремено ги стеснува крвните садови и го зголемува крвниот притисок – што може да биде опасно ако имате хипертензија.
  5. Когнитивни функции и расположение
    Дури и блага дехидрација (само 1–2% загуба од телесната тежина) може да го наруши вниманието, меморијата и расположението. Студиите покажуваат поврзаност помеѓу дехидрацијата и зголемена анксиозност, замор и намалени ментални перформанси.

Хидратацијата како секојдневна навика 

Осигурајте му на вашето тело оптимални услови за физичко и ментално функционирање:

  • Започнете го денот со чаша вода
  • Носете шише со вода во торба за секогаш да ви биде при рака
  • Јадете храна богата со вода, како диња, краставици, домати и листест зеленчук
  • Додадете природни состојки во водата (мента, лимон, бобинки)
  • Ако често заборавате да пиете, поставете потсетник на телефонот

Хидратацијата е клучен темел на здравјето – од превенција на уринарни инфекции и бубрежни камења, до поддршка на функцијата на срцето, менталната јасност и дигестивното здравје – водата е моќен сојузник во спречување на болести.

  1. Dmitrieva NI, Liu D, Wu CO, Boehm M. Middle age serum sodium levels in the upper part of normal range and risk of heart failure, European Heart Journal, 2022; 43(35): 3335–3348.
  2. EFSA Panel on Dietetic Products, Nutrition, and Allergies (NDA). Scientific Opinion on Dietary reference values for water. EFSA Journal. 2010; 8(3):1459.
  3. Cleveland Clinic. How dehydration causes high blood pressure. Accessed 27 April. https://health.clevelandclinic.org/dehydration-and-blood-pressure
  4. Masento NA et al. Effects of hydration status on cognitive performance and mood. British Journal of Nutrition. 2014;111(10):1841-1852.
  5. McCollum BJ et al. Can drinking more water prevent urinary tract infections? J Fam Pract. 2020 Apr;69(3):E19-E20. 

Средна оцена:

3 (78 гласа)

Оцени: