Астмата е хронична болест на белите дробови што предизвикува воспаление и стеснување на дишните патишта, што го отежнува дишењето. Симптомите можат да бидат различни – од блага кашлица до сериозни проблеми со дишењето. Со соодветен третман, луѓето со астма можат да водат нормален и активен живот.
Симптоми на астма
Симптомите на астмата можат да варираат, но најчесто вклучуваат:
Постојана кашлица, особено навечер или рано наутро
Свирење во градите при дишење
Недостаток на воздух или потешкотии при дишење
Стегање или болка во градите
Симптомите може да бидат поттикнати од настинки, временски промени, прашина, чад, полен, пердуви од животни или силни мириси. Тие се влошуваат при физичка активност или во текот на ноќта.
Што предизвикува астма?
Нема единствена причина за астмата, но неколку фактори можат да го зголемат ризикот:
Генетска предиспозиција – ако во семејството има астма или алергии
Алергии како егзема или поленска треска
Урбан начин на живот и изложеност на загаден воздух
Пушење или пасивно изложување на чад
Инфекции на респираторниот систем
Дебелина
Атопија (Генетска предиспозиција што предизвикува зголемена чувствителност и силна реакција на вообичаените алергени од околината.)
Напади на астма
Астматичен напад се случува кога дишните патишта нагло се стеснуваат. Симптомите може да вклучуваат:
Интензивно свирење во градите
Брзо и плитко дишење
Тешкотии со говорење
Чуство на паника
Појава на сини усни
Ако нападот е сериозен и не се подобрува со инхалатор, потребна е итна медицинска помош.
Третман на астма
Астмата не може да се излекува, но може да се контролира со соодветна терапија:
Бронходилататори (брзо-делувачки инхалатори) – веднаш го отвораат дишниот пат и ги ублажуваат симптомите (пример: салбутамол).
Стероидни инхалатори – редовно користење на овие лекови ја намалува воспаленоста на дишните патишта и ја спречува појавата на сериозни напади (пример: беклометазон, флутиказон).
Други лекови – во потешки случаи, може да се користат таблети или инјекции за намалување на воспалението.
Самопомош и превенција
Избегнувајте фактори што ја влошуваат астмата (прашина, чад, полен, влажен воздух)
Користете го инхалаторот како што ви препишал докторот
Вежбајте редовно, но со внимание на вашите граници
Следете ја вашата состојба со пикфлоу метар (уред за мерење на капацитетот на белите дробови)
Направете план за управување со астмата заедно со вашиот доктор
Одржувајте здрава исхрана и телесна тежина
Намалете го стресот преку релаксациски техники како длабоко дишење и јога
Кога да се побара медицинска помош?
Итно побарајте лекарска помош ако:
Имате сериозни потешкотии со дишењето
Вашето лице, усни или прсти станат посини
Не можете да зборувате или да се движите нормално
Инхалаторот не ви помага
Астма и деца
Децата со астма можат да имаат чести напади, особено при настинки или алергии. Родителите треба да:
Осигурат дека детето правилно го користи инхалаторот
Го одржуваат домот чист од прашина и алергени
Ги следат симптомите и редовно консултираат лекар
Охрабруваат физичка активност со претпазливост
Астмата може да биде сериозен предизвик, но со правилен третман и избегнување на тригерите, можете да водите нормален живот. Редовно комуницирајте со вашиот доктор за најдобрата стратегија за управување со вашата астма.